П.К.Љуботен

Караниколичко езеро - момент кој трае вечно

Rate this item
(0 votes)

 

Убаво неделно утро 12 Јуни, според календарот на активности на тимот на ПК Љуботен, предвидено беше волшебното Караниколичко Езеро. Полни со ентузијазам и насмевка на лицето, 36 луѓе тргнавме во потрага по убавините на нашата Шара. Ние, вљубениците во планината и природата, собрани од различни генерации, на чело со нашата мила 6 годишна Анастасија, турата ја започнавме од шарското Село Вешала, од каде благо се искачувавме по прекрасните падини на Шара. Продолживме да се движиме и уживаме низ неверојатните Шарски предели кои изобилуваат со благи пасишта и ливади покриени со свежо расцветано цвеќе, сонце и чист воздух временски услови создадени за уживање. Правиме две скромни паузи за да си надополниме чиста изворска вода од двете чешми. Од десната страна на патеката, незаменлив е погледот на трите Лешнички карпи кој кога ќе се завртиме ни го одземаат здивот. Следува камениот мост, како неизбежен дел за фотографирање, восхитување и споделување на импресии од околината, кои ми се чини, не имаше маѓепсано баш сите. Неизбежен момент пред самото езеро е водопадот кој извира од самата карпа – чудо на природата, место кое ќе ве воодушеви. И кога помисливме дека ги доживеавме сите убавини на денот, со еден поглед упатен на другата страна од планината, возбудлива глетка ни го задржа вниманието. Здогледавме мечка со мало мече на сртот од планината, ги следевме и фотографиравме додека не ни се изгубија од видот. По скоро три часа исполнети со многу смеа, песна и уживање, пред нас се појави големото Караниколичко Езеро во полн сјај! Распослано и мирно како огледало, дава спокој и мир на секој кој ќе го посака тоа. Карниколичко езеро е трето по големина на Шар Планина и прво според длабочина (5,6м) се наоѓа на најпристапните циркови на Шар Планина, на падините на Караникола. На надморска височина од 2210 метри,ова езеро се полни со вода од поголем број подводни извори, а самиот колорит на езерото треба да се види и доживее. Над него надвиснат е врвот Караникола како гордо да не предизвикува да го искачиме, но сепак ќе го оставиме за следен пат. После одличното традиционално гезме, еден извади салата и ракија, друг пита пастармајлија , секој на свој начин ужива во тишината. Полни со импресии и позитивна енергија тргнавме назад по истата патека задоволни и весели од убавиот ден, со планови и идеи, за следната тура кој не очекува веќе следната недела. До следната авантура и импресии ве оставаме да уживате во убавата фотографија и позитивното расположение. Планинарски поздрав.....
Авторка : Радмила Марковска
Last modified on Вторник, 11 Октомври 2016 20:59

Add new comment