П.К.Љуботен

Дешат- гордоста на Мијачијата

Rate this item
(0 votes)
Ги затворам очите и низ главата ми поминуваат слики, како да се тука пред мене... за се’ она што ми го раскажувала баба ми: селскиот активен живот, чувањето добиток, правење сирење, одгледувањето на различни растенија, спокојот кој го нудела планината со сета нејзина раскошна убавина. Ги отворам очите и еве ме денес. Си велам... ќе го нарчеам текстов “Заборавената природа“, бидејќи тука ни се ливадите, шумите, карпите, реките и поточињата, куќите во селата...нудејќи го истиот лукзус за нашите очи... а сепак малку зборуваме и раскажуваме за нив, а уште помалку доаѓаме да ги видиме и посетиме. Сепак, решавам да се одлучам за наслов кој ќе покаже што јас чувствувам за овој регион со надеж дека ќе поттикне желба и кај други луѓе. Па да започнам... на 10.07.2016 една мала група составена од членовитe на ПК Љуботен и други скопски планинарски друштва не ги заборави овие предели и реши да ги посети. Станува збор за искачување на врвот Веливар , на планината Дешат , 2.373 мнв (највисок на истата) од селото Битуше. Битуше се наоѓа во атарот на националниот парк Маврово, на 25 километри јужно од Маврово и на 20 километри северно од Дебар. Пред него на источната страна од Радика се наоѓа бисерот на нашатата средновековна култура манастирот Свети Јован Бигорски. Селото е распослано на китното зеленило на Дешат, над кое се надвиснати врвовите Веливар, Крчин и Рудине. Стартот на турата беше предвиден во 08 :00 но поради каснењето на дел од групата (имаме скопски дами со посебни привилегии :)) се тргна во 08 :30 часот. Почетна точка беше месноста „Драга“ над селото Битуше на 1.030 мнв. Временските услови беа одлични. Движењето се одвиваше низ планинарска патека, обрасната со високи папрати. Првата целна точка беше глацијалното езеро „Локув“. Прекрасно место, на 1560 мнв., кое спаѓа во првите три најзначајни туристички локалитети на Националниот парк Маврово. На самиот локалитет може да се ужива во прекрасниот изглед на ова малку познато и уште неоткриено (од страна на туристи) езеро во кое опстануваат неколку интересни форми на живот од кои најпознат е тритонот, водоземец кој наликува на риба и жаба. Локалното население раскажува една интересна легенда за ова езеро. Имено, во минатото во езерото скокнала крава, преку Радика излегла во Јадранско Море. :) Ние сепак решивме да не одиме на Јадран и да ја продолжиме нашата патека. Наредна точка за пауза се наоѓа на околу 30 до 40 минути пешачење. Станува збор за двете „планински очи“, езерца со чиста бистра вода распослани на падините на планината. Откако групата направи куса пауза за фотографирање, низ позитивна атмосфера се продолжи движењето кон самиот врв на кој му пристапивме од заобиколен пат. Последниот дел од патеката се одвиваше по самата природна граница помеѓу Македонија и Албанија. И конечно негде околу 12 : 30 првите учесници пристигнаа на Веливар, 2.373 мнв од каде се отвори прекрасен поглед од двете страни. Во должина, према Голем Крчин , погледот овозможува да го почуствуваш Дебарско Езеро на дланка. На самиот врв традиционално се направи фотографија со клубското знаме. Беа разменети импресии од страна на учесниците, се испи по некоја ракија, се промовираше по некоја кошула (од страна на еден од учеснците) и се спремивме за тргнување назад. Патот назад не водеше по стрмен предел од северната страна на врвот. Тројца од учесниците (горди мијаци ) побрзаа да се одвојат од групата да направат подготовки околу софрата, која сите учесници од самиот почеток срамежливо ја спомнуваа. По влегување во шумата, имавме кратка средба средба со тројца локални овчари од с.Требиште, кои објаснија дека денот го поминале буквално низ целата планина. Си помислив за момент, еве доказ за истрајноста на мијаците (ова им е секојдневие ) и дека не се потребни никакви планинарски скапи опреми за ваквиот начин на планинарење туку само желба и љубов према планината. Кај другиот дел од групата, кога се симна кај двете леднички езера , се разбуди натпреварувачкиот дух и од планинари сите станаат пливачи. Без малку, целата група скокна во езерата и настапи општонародна веселба. За момент се почуствува дека сме небаре на Олимписките игри во Рио , на трките по 250 метри по пливање. Ова не важеше за оние чии нозе потонаа во тињата и беа веднаш дискфалификувани од игрите. :) Пристигнавме во Битуше во 18:00 , пред нас прекрасен поглед...последните златните прамени на зајдисонцето паѓаа на Бистра... А, во дворот од куќата на Јован Даниловски, во најубавото мало во селото, нам веќе не чекаше наместена софра. Сите учесници, беа пречекани од страна на неговите родители со срдечност и љубезност, типична само за овој крај во Македонија. На софрата беше поставен еден деликатес од традиционалната мијачка кујна-сарајлии. Специјалет направен од тенки кори со фил од урда и сирење, меки како душа, направени од вештите раце на мајката на Јован. Татко на Јован, извади две различни ракии, која од која поубава и така почна полека мојата нирвана, за мене возможна само на ова место . За да не го заборавиме овој регион и неговата убавина, се надевам на уште повеќе вакви тури.
За крај би сакал само да ви споделам што ми кажа Бојана (со надеж дека после ова сите ќе дојдете да ги видите овие убавини): „Мене не ми треба море ниту езеро. Овде доаѓам за прв пат и навистина ме шокира оваа убавина. Сум чула за убавините на Битуше и околината , но не ни сонував дека е олку убаво. Би сакала десетина дена овде да се одморам на свеж воздух".
Aвтор: Коста Тасески- горд Мијак

Add new comment