П.К.Љуботен

Љуботенци на Вихрен- врвот на бурите

Rate this item
(0 votes)
Врвот Вихрен (2914 м/нв), се наоѓа на северниот дел на планината Пирин и е втор по височина во Бугарија после Мусала на Рила (2925) и трет на Балканот, после Митикас(2917) на Олимп, Грција. Старото име на Вихрен е Ел-тепе (до 1942 г) и значи Врвот на бурите. Во Планинарскиот клуб Љуботен од Тетово, според годишниот план, одлучивме од 16-18 септември 2016 година, да тргнеме кон освојување на овој врв. Тргнувањето беше закажано за 16 часот, но поради хетерогеноста на екипата ( 20 планинари од Тетово, Теарце и Скопје) и зафатеноста на некои планинари, се стартуваше килаво, се до границата со Бугарија, каде екипата, распоредена во пет автомобили, конечно не се консолидира. Оттука па натаму, се одеше како по лој. Во хотелот Каза Карина во Банско пристигнавме околу 22 часот, вечеравме и легнавме, бидејќи не очекуваше напорен ден. Утрото во саботата, со автомобили се упативме кон Хижа Вихрен (16 км.) која се наоѓа на 1950 м/нв. Добро уреден Планинарски дом на левата страна на реката Бандерица.Од спротивната страна се издига врвот Тодорка (2747 м/нв), каде е видлива жичарницата и патеката за спуст каде се одржуваат натпревари од Светски куп. По прекрасно сончево време, во 8,30 часот се упатуваме кон врвот Вихрен по камената, врвулеста, маркирана, стрмна патека со интересно име Царска патека. Со доволни количина вода во ранците поради недостаток од извори, во добро расположение, со чести но кратки одмори напредувавме кон врвот. Пределот е стрм и каменит, со грмушки и некаде сува трева. Ни се придружија и други планинари. Еден Бугарин ( со две планинарки) ми раскажува дека Вихрен е најопасниот бугарски врв, кој има земено повеќе жртви. Се уверив подоцна од крајпатните комеморативни обележја на загинати планинари. За близу 2 часа, стигнавме до превојот (седлото) Кабата на 2535 м/нв. Тука малку одмараме, се освежуваме со овошје и напитоци. Е, оттука почнува вистинско искачување. Пред нас стои огромна, камена, стрма пирамида, последниот предизвик пред зацртаната цел - освојување на врвот. Се упатуваме по угорнината, заморот не стига, но како се доближуваме до врвот, возбудата расте. И, после еден час, околу 12 - еве не на врвот! Wow! Чувството дека си на врвот е незаменливо. Дека си над сите! Овде допира здивот. Поглед кон врвот Тодорка, па понатаму кон нашата Беласица, или кон врвот Кутело, кон преминот Кончето, Бандеришките и Влахинските езера...навистина импресивно.Ех, таа Пирин Планина (што би рекла нашата Тинка)! На општо задоволство, сите 20 планинари за кратко време се комплетиравме на врвот. Паѓаат честитки, бакнежи, некој прославува со ракиичка, некој со лименка Скопско. Се закрепнуваме со сендвичи од ланч-пакетот. Пристигнуваат планинари од Романија, од Бугарија од Босна. Изузетно расположение, дружење, заедничко фотографирање, емоции, па и симпатии, зезање... А времето, прекрасно, сончево, со умерен ветер. На крајот уште една групна фотографија со клупското и републичкото знаме и се спремаме за симнување. Симнувањето беше предвидено да го реализираме од другата страна на планината. Ако искачувањето беше напорно, симнувањето, особено првата делница од околу 1 час, беше тешко, особено ризично и опасно. Патеката на моменти алпинистичка, стрма, карпеста...Бара изузетна подготвеност и конценрација. Ова е најопасниот дел од маршрутата. И во средниот дел на патеката има опасни камени и стрмни предели но многу пократки. По 2,5 часа стигнуваме во Хижа Вихрен, каде не чекаат колите. Изузетно среќни и задоволни, полно со импресии стигнуваме во хотелот во Банско, се тушираме а потоа одиме на вечера. На општо изненадување и задоволство, во хотелот, покрај другите гости има и една тетовска група, а гостите ги забавува тетовски бенд. Поминавме незаборавна вечер. Оваа, беспрекорно организирана тура на ПК Љуботен од страна на Владимир Златкоски - Белич заслужува особена почит и благодарност, за што заслуга имаат и сите планинари кој го изведоа овој подвиг. Ова искачување за секој планинар има посебно значење, а за Орце (и за мене), на пример, значи постигнат хет-трик, односно освојување на трите највисоки врва на Балканот Мусала, Митикас и Вихрен. Веројатно и за некој друг. Е сеа, ако бараме влакно во јајце, ќе најдеме и некоја мана. Јас, на пример имам замерки што не ми се пружи прилика да ја освојам и Тодорка. Истото ми се случи лани на Олимп, со Стефани. Јбг! У неделата, полни со импресии, го напуштивме Банско и се упативме дома. Успат, да не остане кусо, свративме у Гиновци, у прекрасниот туристичко-угостителски комплекс, да им го пробаме крапот, дал у вино ил у пиво боље плива. Мммм! Вихрен 16-18.09..вредеше за секоја капка пролиена пот ... (Тула), е лајт-мотивот да го напишам овој извештај.
Здравко Серафимовски Зевс Теарце, септември 2016

Add new comment