П.К.Љуботен

Нé сакаше планината. А колку пак ние неа

Rate this item
(0 votes)

Имаше толку планинари на едно место, што свежото априлско утро зрачеше топлина. На членовите на организаторот ПК Љуботен му се придружија пријателите од ПК Јелак, ЗПЗП Козјак 2013 од Куманово, како и низа други љубители на планинарењето и природата, меѓу кои и три десетгодишни сонца, Стефан, Немања и Михајло.

Со возила се искачивме преку с. Боговиње до Ново Село, на надморска височина од  околу 1050m. Од тука, реки планинари почнаа да меандрат кон езерото. Добар дел, за прв пат тргнати да го видат и најголемиот Шарски ирис, кој се наоѓа на 1936m. Дисциплинирано, како што доликува на секој одговорен љубител на планината, долгата колона се искачи по живописна патека до езерото, кое како да сакаше наеднаш да ни се претстави во повеќе светла, дел одмрзнато, дел замрзнато и сé уште под снег. Спорадичните облачиња од утрото скоро целосно се повлекоа само што пристигнавме. Како сé да беше на наша страна за денот да биде за паметење... Под пладневното сонце се одморивме, со мезе, со освежување, со убав муабет со пријатели и нови познанства.

Денот сé уште не е многу долг, а имавме и гости надвор од Тетово, и после едночасовна пауза се упативме назад. За враќање, се движевме по инаква патека, раззеленета, пролетна, примамлива. Иако има мосте за да се премине рекичката, Слапска река, во близина на Ново Село, планинарите внесоа малку авантура во нејзиното поминување, со подавање раце, придржување, јажиња... дојде до израз една од основните вредности на планинарењето - сите си помагаме.

Во селото нé пречекаа мештаните и многу насмеани дечиња... се надеваме дека со нашите тури ќе ги инспирираме да ја сакаат и шетаат планината, а можеби и некое од нив ќе се угледа на нашите водичи и ќе им се придружи за да ја покажува нејзината убавина на други вљубеници.

Нé сакаше планината. А колку пак ние неа...

Напишала: Ивана Георгиевска

Last modified on Вторник, 11 Април 2017 22:13

Add new comment