П.К.Љуботен

Блиску до боговите - Олимп

Rate this item
(1 Гласај)

Петок, 16.06.2017 година. Е овој петок се чекаше многу. Одиме на планина, но не било каде, туку на гости во Домот на Боговите, Mytikas, Olympus, Грција.

Збирното место како и секогаш е пред просториите на П.К. Љуботен во Тетово, од каде го започнавме нашето тридневно патување. Со кола се упативме кон Грција, каде се наоѓаме со Белиќ. Сите заедно се упативме кон Литохоро, ги оставивме колите на паркингот на надморска височина од 1.100м.н.в., што е и нашата стартна точка. Се спремивме, одморени, чисти, среќни, возбудени, насмеани. Направивме една слика со која и официјално го обележавме стартот на искачувањето. Тргнавме во колона по обележаната (маркирана) планинарска патека, низ густа шума, високи борови, и уживавме во прекрасниот ден.. Ти го одземаат здивот. Уште на старт почна да врне. Ама баш да врне, цели два часа. Мокри до гола кожа, ама веќе не се ни секираш. Си се навикнал, и дури убаво ти е, зошто и тоа е дел од искуството. По неколку часовно пешачење, малку одмараме, се преоблакаме, земавме по некој сендвич, се освеживме со “бижутерија” (апетисани), убав муабет. Од време на време низ дрвјата и маглата ќе се покажеше морето, но нам поинтересен ни беше погледот кон врвовите. По интензивно и стрмно одење низ шумата, ти се отвора друг поглед. Пролет. Прекрасен планински пејсаж, широки ливади, по некое дрво и грмушка, конечно сонце (да ги исушиме стварите), секаде зеленило и убавина, живописна природа. Се што треба да биде совршено. Ама тоа е планина, непредвидлива работа, а сепак толку убава. Не чека уште пат, се движевме по угорнината, заморот веќе не совладуваше, а уживавме во последните сончеви зраци на 2.700 м.н.в. Замислете само колку е прекрасно. Некаде околу 9 часот, по 7 часа пешачење, стигнавме во планинарскиот дом  “Giossos Apostolidis” на 2.700 м.н.в., во самото подножје на Олимп, каде топло не примија домаќините, а се сретнавме и со нашите другарчиња од П.Д. Чеплес, и многу љубители на планината од цел Балкан. Убаво е чувството да си таму.

Утредента, сабота, 17.06.2017. Станати рано, кој спиел, кој не, а сите возбудени. Се напивме топол чај на терасата со поглед кон врвот што треба да го искачиш денес. И ти се брза, ти се остава се, само да побрзаш да си таму. Стигнавме до кулоарот и си викаш – “Ова ќе биде искачување”. Се мешаат чувства на страв, возбуда, напор, храброст и инает. Времето беше на наша страна, подобро време за пешачење, не можевме ниту да замислиме, ниту да побараме. По кулоарот нагоре се искачувавме четвороношки, лазејќи по карпите. По час и половина, сите Љуботенци се качија на Митикас, на 2.918 м.н.в., највисокиот врв на планината Олимп, во Грција. Радости тон. Останавме без здив, не знаеш дали од стрмната патека, или од чувството дека си баш на врвот. И забораваш што се си поминал за да бидеш тука, едноставно само уживаш. Следеше фамилијарна слика, се потпишавме во книгата на впечатоци и наздравивме со ракија, онака планинарски. На врвот се сретнавме и со други планинари од Бугарија, Грција, Германија. Облаци почнаа да го заобиколуваат Митикас што беше знак дека мора да се симнуваме, и дека мора да се збогуваме со врвот, бидејќи не чекаше долг пат назад. Го искачивме и врвот Скала (2,866 м.н.в.) по патека, со ситни камења, од каде повторно го гледавме Митикас, од една страна и Сколио (2,912 м.н.в.) од друга страна,  а потоа почнавме да се спуштаме назад од другата страна на планината, преку домот “Spilios Agapitos” кон Приони на 1.100 м.н.в.

Со големи насмевки и срце полно среќа и љубов од прекрасниот ден поминат на Олимп, во Литохоро за добрата тура наздравивме со по едно студено пиво и гиро. И секако, опуштање на песочните плажи во Грција. Зошто, нели и планинарите имаат душа J

 

Ви праќаме топол планинарски и Олимписки поздрав.

 

До следна тура ...

 

Ве сакаат Здравко (Зевс), Ѓоко, Горан (Ветер), Јоанче, Владимир (Белиќ) и Ана <3

Add new comment