П.К.Љуботен

Displaying items by tag: пк љуботен

Имаше толку планинари на едно место, што свежото априлско утро зрачеше топлина. На членовите на организаторот ПК Љуботен му се придружија пријателите од ПК Јелак, ЗПЗП Козјак 2013 од Куманово, како и низа други љубители на планинарењето и природата, меѓу кои и три десетгодишни сонца, Стефан, Немања и Михајло.

Со возила се искачивме преку с. Боговиње до Ново Село, на надморска височина од  околу 1050m. Од тука, реки планинари почнаа да меандрат кон езерото. Добар дел, за прв пат тргнати да го видат и најголемиот Шарски ирис, кој се наоѓа на 1936m. Дисциплинирано, како што доликува на секој одговорен љубител на планината, долгата колона се искачи по живописна патека до езерото, кое како да сакаше наеднаш да ни се претстави во повеќе светла, дел одмрзнато, дел замрзнато и сé уште под снег. Спорадичните облачиња од утрото скоро целосно се повлекоа само што пристигнавме. Како сé да беше на наша страна за денот да биде за паметење... Под пладневното сонце се одморивме, со мезе, со освежување, со убав муабет со пријатели и нови познанства.

Денот сé уште не е многу долг, а имавме и гости надвор од Тетово, и после едночасовна пауза се упативме назад. За враќање, се движевме по инаква патека, раззеленета, пролетна, примамлива. Иако има мосте за да се премине рекичката, Слапска река, во близина на Ново Село, планинарите внесоа малку авантура во нејзиното поминување, со подавање раце, придржување, јажиња... дојде до израз една од основните вредности на планинарењето - сите си помагаме.

Во селото нé пречекаа мештаните и многу насмеани дечиња... се надеваме дека со нашите тури ќе ги инспирираме да ја сакаат и шетаат планината, а можеби и некое од нив ќе се угледа на нашите водичи и ќе им се придружи за да ја покажува нејзината убавина на други вљубеници.

Нé сакаше планината. А колку пак ние неа...

Напишала: Ивана Георгиевска

Понеделник, 10 Април 2017 20:07

Три Воде 2017

Сончево пролетно утро! 
На ред се Три Воде!
Старт на турата 08:00 ч. во с. Теарце.
Собрани од сите страни со насмевка и топол поздрав, тргнавме накај с. Брезно. Попатно со раскажување на разно-разни случки, со мирис на свежо расцветаните дрвја и по некое селфи, пристигнавме во с. Брезно каде што од страна на нашите најдраги љуботенци- ветерани ни беа подготвени топло ѓеврече и планинарски чај. По кратка пауза се упативме до нашата цел. Таму пристигнавме околу 11:00 часот каде што секој си уживаше на свој начин. Некои се сликаа во прекрасната борова шума, некои си лежеа во зелената трева, а некои пак си направија софра и наздравија за празникот Св. Недела и празничната тура. По некој час уживање-дојдоа облаците, се сликавме "една заедничка" и се упативме кон с. Лешок . Попатно бевме изненадени од пролетниот дожд, но... и на дожд знаеме да ја уживаме Планината . Со смеа и музика пристигнавме во с. Лешок и наздравивме за уште едно традиционална прошетка до Три Воде. 
На здравје за многу години ! 

Тина Миновска