П.К.Љуботен

Displaying items by tag: pkljuboten
Среда, 21 Јуни 2017 09:19

Блиску до боговите - Олимп

Петок, 16.06.2017 година. Е овој петок се чекаше многу. Одиме на планина, но не било каде, туку на гости во Домот на Боговите, Mytikas, Olympus, Грција.

Збирното место како и секогаш е пред просториите на П.К. Љуботен во Тетово, од каде го започнавме нашето тридневно патување. Со кола се упативме кон Грција, каде се наоѓаме со Белиќ. Сите заедно се упативме кон Литохоро, ги оставивме колите на паркингот на надморска височина од 1.100м.н.в., што е и нашата стартна точка. Се спремивме, одморени, чисти, среќни, возбудени, насмеани. Направивме една слика со која и официјално го обележавме стартот на искачувањето. Тргнавме во колона по обележаната (маркирана) планинарска патека, низ густа шума, високи борови, и уживавме во прекрасниот ден.. Ти го одземаат здивот. Уште на старт почна да врне. Ама баш да врне, цели два часа. Мокри до гола кожа, ама веќе не се ни секираш. Си се навикнал, и дури убаво ти е, зошто и тоа е дел од искуството. По неколку часовно пешачење, малку одмараме, се преоблакаме, земавме по некој сендвич, се освеживме со “бижутерија” (апетисани), убав муабет. Од време на време низ дрвјата и маглата ќе се покажеше морето, но нам поинтересен ни беше погледот кон врвовите. По интензивно и стрмно одење низ шумата, ти се отвора друг поглед. Пролет. Прекрасен планински пејсаж, широки ливади, по некое дрво и грмушка, конечно сонце (да ги исушиме стварите), секаде зеленило и убавина, живописна природа. Се што треба да биде совршено. Ама тоа е планина, непредвидлива работа, а сепак толку убава. Не чека уште пат, се движевме по угорнината, заморот веќе не совладуваше, а уживавме во последните сончеви зраци на 2.700 м.н.в. Замислете само колку е прекрасно. Некаде околу 9 часот, по 7 часа пешачење, стигнавме во планинарскиот дом  “Giossos Apostolidis” на 2.700 м.н.в., во самото подножје на Олимп, каде топло не примија домаќините, а се сретнавме и со нашите другарчиња од П.Д. Чеплес, и многу љубители на планината од цел Балкан. Убаво е чувството да си таму.

Утредента, сабота, 17.06.2017. Станати рано, кој спиел, кој не, а сите возбудени. Се напивме топол чај на терасата со поглед кон врвот што треба да го искачиш денес. И ти се брза, ти се остава се, само да побрзаш да си таму. Стигнавме до кулоарот и си викаш – “Ова ќе биде искачување”. Се мешаат чувства на страв, возбуда, напор, храброст и инает. Времето беше на наша страна, подобро време за пешачење, не можевме ниту да замислиме, ниту да побараме. По кулоарот нагоре се искачувавме четвороношки, лазејќи по карпите. По час и половина, сите Љуботенци се качија на Митикас, на 2.918 м.н.в., највисокиот врв на планината Олимп, во Грција. Радости тон. Останавме без здив, не знаеш дали од стрмната патека, или од чувството дека си баш на врвот. И забораваш што се си поминал за да бидеш тука, едноставно само уживаш. Следеше фамилијарна слика, се потпишавме во книгата на впечатоци и наздравивме со ракија, онака планинарски. На врвот се сретнавме и со други планинари од Бугарија, Грција, Германија. Облаци почнаа да го заобиколуваат Митикас што беше знак дека мора да се симнуваме, и дека мора да се збогуваме со врвот, бидејќи не чекаше долг пат назад. Го искачивме и врвот Скала (2,866 м.н.в.) по патека, со ситни камења, од каде повторно го гледавме Митикас, од една страна и Сколио (2,912 м.н.в.) од друга страна,  а потоа почнавме да се спуштаме назад од другата страна на планината, преку домот “Spilios Agapitos” кон Приони на 1.100 м.н.в.

Со големи насмевки и срце полно среќа и љубов од прекрасниот ден поминат на Олимп, во Литохоро за добрата тура наздравивме со по едно студено пиво и гиро. И секако, опуштање на песочните плажи во Грција. Зошто, нели и планинарите имаат душа J

 

Ви праќаме топол планинарски и Олимписки поздрав.

 

До следна тура ...

 

Ве сакаат Здравко (Зевс), Ѓоко, Горан (Ветер), Јоанче, Владимир (Белиќ) и Ана <3

Понеделник, 08 Мај 2017 22:13

2 во 1, маркирање и уживање

Пролетнот дожд, не не спречи и оваа недела, да се упатиме кон нашата омилена дестинација - Шара прекрасната. Впрочем таа не само место за посета, таа е наш дом. Овој пат, на најубав можен начин, го споивме убавото и корисното. Убово се прошетавме а во едно и ја маркиравме стазата Белојште - Сенокос - Вратница. Преубава, лесна стаза, дури и за помалку кондиционо спремни вљубеници во природата. Повелете следете не.... Планина, пролет, сонце, дожд, насмеани драги лица, скара и по некоја чашка ладно пиво.......Па што ли човек може друго да посака??! Стазата маркирана, софрата изедена......Со еден збор идила....или што би рекла Маца #РадостиТон Слаѓана Јанкоска 08 мај 2015

Имаше толку планинари на едно место, што свежото априлско утро зрачеше топлина. На членовите на организаторот ПК Љуботен му се придружија пријателите од ПК Јелак, ЗПЗП Козјак 2013 од Куманово, како и низа други љубители на планинарењето и природата, меѓу кои и три десетгодишни сонца, Стефан, Немања и Михајло.

Со возила се искачивме преку с. Боговиње до Ново Село, на надморска височина од  околу 1050m. Од тука, реки планинари почнаа да меандрат кон езерото. Добар дел, за прв пат тргнати да го видат и најголемиот Шарски ирис, кој се наоѓа на 1936m. Дисциплинирано, како што доликува на секој одговорен љубител на планината, долгата колона се искачи по живописна патека до езерото, кое како да сакаше наеднаш да ни се претстави во повеќе светла, дел одмрзнато, дел замрзнато и сé уште под снег. Спорадичните облачиња од утрото скоро целосно се повлекоа само што пристигнавме. Како сé да беше на наша страна за денот да биде за паметење... Под пладневното сонце се одморивме, со мезе, со освежување, со убав муабет со пријатели и нови познанства.

Денот сé уште не е многу долг, а имавме и гости надвор од Тетово, и после едночасовна пауза се упативме назад. За враќање, се движевме по инаква патека, раззеленета, пролетна, примамлива. Иако има мосте за да се премине рекичката, Слапска река, во близина на Ново Село, планинарите внесоа малку авантура во нејзиното поминување, со подавање раце, придржување, јажиња... дојде до израз една од основните вредности на планинарењето - сите си помагаме.

Во селото нé пречекаа мештаните и многу насмеани дечиња... се надеваме дека со нашите тури ќе ги инспирираме да ја сакаат и шетаат планината, а можеби и некое од нив ќе се угледа на нашите водичи и ќе им се придружи за да ја покажува нејзината убавина на други вљубеници.

Нé сакаше планината. А колку пак ние неа...

Напишала: Ивана Георгиевска

Понеделник, 10 Април 2017 20:14

Членарина за 2017

Известување за сите оние кои сакаат да се приклучат на ПК Љуботен, а воедно и потсетување за веќе постојните членови: Членарината, која изнесува 800 денари (за лицата под 18 год. истата е 400 ден) може да се уплати во просториите на клубот или на жиро с-ка:290400000013902 назив на примач: ПК Љуботен-Тетово, денонент: ТТК Банка АД Скопје, цел на дознака: членарина за 2017 година. Членарината потребно е да се уплати до 15.04.2017 заради регулирање на персоналното осигурување. Маркиците за тековната година, исто така, може да се подигнат во просториите на клубот. Ве очекуваме!!

Published in Новини
Понеделник, 10 Април 2017 20:07

Три Воде 2017

Сончево пролетно утро! 
На ред се Три Воде!
Старт на турата 08:00 ч. во с. Теарце.
Собрани од сите страни со насмевка и топол поздрав, тргнавме накај с. Брезно. Попатно со раскажување на разно-разни случки, со мирис на свежо расцветаните дрвја и по некое селфи, пристигнавме во с. Брезно каде што од страна на нашите најдраги љуботенци- ветерани ни беа подготвени топло ѓеврече и планинарски чај. По кратка пауза се упативме до нашата цел. Таму пристигнавме околу 11:00 часот каде што секој си уживаше на свој начин. Некои се сликаа во прекрасната борова шума, некои си лежеа во зелената трева, а некои пак си направија софра и наздравија за празникот Св. Недела и празничната тура. По некој час уживање-дојдоа облаците, се сликавме "една заедничка" и се упативме кон с. Лешок . Попатно бевме изненадени од пролетниот дожд, но... и на дожд знаеме да ја уживаме Планината . Со смеа и музика пристигнавме во с. Лешок и наздравивме за уште едно традиционална прошетка до Три Воде. 
На здравје за многу години ! 

Тина Миновска 

 

Убаво неделно утро 12 Јуни, според календарот на активности на тимот на ПК Љуботен, предвидено беше волшебното Караниколичко Езеро. Полни со ентузијазам и насмевка на лицето, 36 луѓе тргнавме во потрага по убавините на нашата Шара. Ние, вљубениците во планината и природата, собрани од различни генерации, на чело со нашата мила 6 годишна Анастасија, турата ја започнавме од шарското Село Вешала, од каде благо се искачувавме по прекрасните падини на Шара. Продолживме да се движиме и уживаме низ неверојатните Шарски предели кои изобилуваат со благи пасишта и ливади покриени со свежо расцветано цвеќе, сонце и чист воздух временски услови создадени за уживање. Правиме две скромни паузи за да си надополниме чиста изворска вода од двете чешми. Од десната страна на патеката, незаменлив е погледот на трите Лешнички карпи кој кога ќе се завртиме ни го одземаат здивот. Следува камениот мост, како неизбежен дел за фотографирање, восхитување и споделување на импресии од околината, кои ми се чини, не имаше маѓепсано баш сите. Неизбежен момент пред самото езеро е водопадот кој извира од самата карпа – чудо на природата, место кое ќе ве воодушеви. И кога помисливме дека ги доживеавме сите убавини на денот, со еден поглед упатен на другата страна од планината, возбудлива глетка ни го задржа вниманието. Здогледавме мечка со мало мече на сртот од планината, ги следевме и фотографиравме додека не ни се изгубија од видот. По скоро три часа исполнети со многу смеа, песна и уживање, пред нас се појави големото Караниколичко Езеро во полн сјај! Распослано и мирно како огледало, дава спокој и мир на секој кој ќе го посака тоа. Карниколичко езеро е трето по големина на Шар Планина и прво според длабочина (5,6м) се наоѓа на најпристапните циркови на Шар Планина, на падините на Караникола. На надморска височина од 2210 метри,ова езеро се полни со вода од поголем број подводни извори, а самиот колорит на езерото треба да се види и доживее. Над него надвиснат е врвот Караникола како гордо да не предизвикува да го искачиме, но сепак ќе го оставиме за следен пат. После одличното традиционално гезме, еден извади салата и ракија, друг пита пастармајлија , секој на свој начин ужива во тишината. Полни со импресии и позитивна енергија тргнавме назад по истата патека задоволни и весели од убавиот ден, со планови и идеи, за следната тура кој не очекува веќе следната недела. До следната авантура и импресии ве оставаме да уживате во убавата фотографија и позитивното расположение. Планинарски поздрав.....
Авторка : Радмила Марковска
Вторник, 11 Октомври 2016 20:40

Магијата на Корабскиот водопад

На ден 05 06 2016 недела, петочлена екипа на ПК Љуботен се приклучи на акцијата на ПК Трансверзалец за посета на Корабскиот водопад. Тргнавме рано наутро, а екипата од Скопје ја чекавме во Маврово. Со свои возила продолживме до с.Рибница .Од тука започна нашето петчасовно пешачење со цел да ја почуствуваме магијата на Корабските водопади. Групата е голема и се развлекува. Ние се движиме по средина на колоната, по тесна но фино маркирана стаза. Газиме низ поточиња и рекички. На почетокот на селото е првата чешма, а до крајот на дестинација има уште две чешми со прекрасна планинска вода. Сонцето силно пече но повремените дрвја и шумички не разладуваат и ни даваат сила. Поминуваме покрај брезите и излегуваме на Попова ливада, после која влегуваме во густа букова шума. По интензивно одење, излегуваме веднаш под врвот Рибничака скала, а за скоро и на таканаречениот Видиковец, од каде се отвора прекарасен поглед кон водопадот и долината. По кратка пауза за сликање и позирање, нашата екипа го продолжи патот, решена да се соочи од блиску со водопадот, додека голем дел од останатите учесници останааа да се сончаат и узиваат во погледот кон долината. Колку повеќе се приближуваме, се повеќе ја чуствуваме неговата грандиозност и моќност. Корабскиот водопад е водопад на горниот тек на Длабока река и се јавува при крајот на месец мај и почеток на јуни, поради топењето на снегот на источната страна на врвот Мал кораб. Во текот на летото губи од својата јачина дури и целосно пресушува. Неговата највисока точка е на 2050 м.н.в. а најниската на 1952 м.н.в. Со своте стотина метри важи за највисок во Македонија па и на Балканот. Целата долина е во карпи, со повеќе помали водопади кои течат од Кобилино поле. Тука се изворите на р.Радика и ушете многу други маѓепства. Тука колку и да имаш време за уживање секогаш е малку. Но......мораше да се вратиме во реалноста, и да тргнеме назад. Ранците спакувани, сендвичите изедени....Видовме што видовме и понесовме барем парче од овој чудесен рај. Во меѓувреме заборавивме на сите згоди и незгоди со кои се соочувавме претходниот ден, додека се организиравме за настанотв. Коментарите беа единствени : Тука мора да се дојде повторно !!! А зошто да не ?!!Планинарската тура до Корабски водопади, да влезе во годишниот календар на активности на нашиот клуб. Планинарски поздрав....
Авторка: Слаѓана Јанкоска