Неслучајно сакавме да организираме камп токму во годината кога одбележуваме 100 години од постоењето на клубот. Целата година ни е посветена на нашата историја и на традициите што се пренесуваат со генерации. Од оваа година сакавме да создадеме и една нова. А што би можело да биде поважно од нашите најмали – од нашата иднина?
Така се роди првиот младински камп Base Camp Љуботен . Нашата цел беше да собереме што повеќе дечиња, да им ја доближиме љубовта кон планината, да ги научиме на вистински вредности и да им покажеме колку е убава нашата Шар Планина.
Викендот беше исполнет со учење како да се движиме во планина, како да спремиме ранче и поставиме шатор, но пред сè – со смеа, игри и нови пријателства. Заедно со скијачкиот клуб Диме Флејта ги подготвивме децата и за претстојната зимска сезона преку забавни активности поврзани со скијање.
Имавме дваесетина деца на дводневен камп и уште многу кои ни се придружија на неделната патека „Боите на природата“. Преку игри и едукативни активности учевме за планинарењето и природата, а секое дете доби посебна улога – еко полицаец, млад водич, фотограф, раскажувачка, метеоролог… и сите со сериозност ги прифатија задачите.
Вториот ден беше резервиран за планинарење, детски џагор, боите на есента и нула минути пред екрани. На крај сите добија дипломи, а ние – безброј насмевки.
Изразуваме огромна благодарност за поддршката од ТТК Банка и ЛАОР Медикал во текот на целата година и на сите родители и пријатели што беа дел од овој настан.
Импресиите не стивнуваат – добиваме пораки, слики и видеа од децата кои велат дека едвај го чекаат следниот камп. А ние можеме само да потврдиме: ќе има повторно!
„Што ќе посееш, тоа ќе жнееш“ – рекле старите.
Така и Љуботен опстојува веќе 100 години, пренесувајќи љубов кон природата и вистински вредности од колено на колено. Со Base Camp Љуботен засадивме ново семе – љубов кон планината, пријателството и природата.