2025 година e значајна за нашиот планинарски клуб, а една од поважните активности во рамките на стогодишнината на клубот беше искачувањето на три алпски врвови над 4000 метри надморска висина. Оваа авантура не беше само физички тест за нашата издржливост и дух, оваа авантура ја посветуваме на стогодишнината на Планинарскиот Клуб „Љуботен“.

Иако организацијата на овој подвиг делуваше едноставно, на терен искуството беше сосема поинакво, полно со нови предизвици.

За многу од нас, ова беше прв пат да се искачиме над 3500 метри надморска висина. Групата броеше десет члена од клубот, сите мотивирани се впуштивме во ова несекојдневно искуство, прославувајќи го столетието на нашиот клуб.

Целта беше искачување на три врвови: Breithorn (4164 м), Capanna Regina Margherita, (4554 м) и Gran Paradiso (4061 м).

По пристигнувањето во Аоста, веднаш започнавме со аклиматизација, односно искачување на првиот врв - Breithorn, за многумина од нас ново искуство. Овој врв на Алпите се смета за идеален за аклиматизација, за нас беше нешто сосема ново – движење по глечер и на надморска висина од 4000 метри, непознати предизвици. Без разлика на тоа, успешно го искачивме врвот и преполни со емоции се вративме во Аоста, знаејќи дека ни претстојат уште два поголеми.

Нашата следна цел беше искачување на Capanna Regina Margherita, највисокиот планинарски дом во Европа на висина од 4554 метри. Рано утрото тргнавме кон врвот, но како што се приближувавме, временските услови почнаа да се влошуваат. Без разлика на нашите амбиции, тимот донесе паметна и одговорна одлука: да се запре на висина од 4264 метри. Безбедноста беше на прво место, а тоа што со оваа одлука не го искачивме врвот не беше разочарувачки, туку ни даваше чувство на гордост што знаеме кога да ја повлечеме линијата. Вечерта ја поминавме во домот Capanna Gnifetti (3647 м), каде што се одморивме и се подготвивме за нашето финално искачување.

Последниот ден, на 22 август 2025 година, беше посветен на најтехничкиот врв на целата експедиција – Gran Paradiso (4061 м). За нас ова беше најголемиот предизвик, како поради техничките аспекти на искачувањето, така и поради се поголемиот напор што се чувствуваше по претходните денови. Рано утрото - студено и со свежо наврнато снегче, го започнавме нашето искачување кон врвот. Како што се приближувавме, првите зраци на сонцето не само што ни го осветлија врвот, туку и ни дадоа дополнителна мотивација за да продолжиме. На самиот врв, чувството беше прекрасно, чувство на гордост, среќа, возбуда и благодарност што можеме да бидеме дел од една авантура која не само што ја прослави стогодишнината на клубот, туку и ја зацврсти нашата љубов кон планините и природата.

Ова искачување не беше само спортски подвиг. Тоа беше потсетник на историјата на нашиот клуб, на вредностите што ги негуваме и на духот кој не води. Секој ден, секој чекор и секоја одлука што ја донесовме ни помогна да се запознаеме себеси и нашите граници, да научиме колку е важно да се потпреме едни на други. Во текот на оваа авантура, осознавме дека вистинската сила на клубот лежи во заедништвото, тимската работа и несебичноста.

Љубовта кон планините, која ни се пренесува од генерација на генерација, ќе продолжи да трае во нас. Оваа авантура ќе остане врежана во сеќавањата како едно од најубавите клубски искуства, како и заедничка победа на сите нас.

Планинарски поздрав!

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Comment

Name

Email

Url