44. традиционално искачување на Титов Врв – традиција што ги обединува планинарите
Планинарскиот клуб „Љуботен“ годинава го организира 44. традиционално искачување на Титов Врв. Овој настан е еден од најпрепознатливите и најмасовни планинарски настани во Македонија.
Настанот се одржува во година кога клубот одбележува 101 година од своето основање. Со своите активности и настани, Планинарскиот клуб „Љуботен“ продолжува да ги поттикнува младите на здрави животни навики и да ја гради љубовта кон природата и планината.
„Ова искачување претставува вистински празник за нашиот клуб и за целата планинарска заедница. Подготовките започнуваат уште неколку месеци однапред, со многу ентузијазам, посветеност и тимска работа, за секој детал да биде добро организиран“, вели Христина Коруноска, член на Извршниот одбор на ПК „Љуботен“.

Вековна традиција на најстариот планинарски клуб во Македонија
Освен како празник за планинарите, настанот има и посебна свеченост бидејќи ја одбележува долгогодишната традиција на најстариот активен планинарски клуб во Македонија.
Планинарскиот клуб „Љуботен“ претставува симбол на една вековна традиција која се пренесува од генерација на генерација. Во текот на своето постоење клубот поминал низ различни периоди, предизвици и успеси, но секогаш останал верен на својата мисија и љубовта кон планината.
На настанот се очекува присуство на повеќе од 500 учесници, а конечната бројка во голема мера зависи од временските услови. Покрај планинари од цела Македонија, се очекуваат и гости од Србија, Косово, Бугарија, Албанија, Црна Гора и други земји од регионот.
Традиционалното искачување на Титов Врв со децении ја негува идејата за солидарност, заедништво и почит кон планината.

Младите се враќаат кон природата
Денешниот брз начин на живот и времето поминато пред екраните создаваат сè поголема потреба кај младите да поминуваат повеќе време во природа.
Планината нуди мир, слобода и чувство на исполнетост кое тешко може да се најде на друго место. И покрај физичкиот напор, луѓето се враќаат од планина со нова енергија и позитивни впечатоци.
Во последните години се забележува зголемен интерес кај младите за планинарење и активности во природа.
ПК „Љуботен“ активно работи на мотивирање на најмладите преку организирање планинарски акции, младински кампови, едукативни активности и обуки.

Расте интересот кај почетници
Од ПК „Љуботен“ велат дека најголем предизвик секоја година се временските услови, бидејќи тие се единствениот фактор кој не може да се контролира.
Безбедноста на учесниците е приоритет. По патеката има медицински тимови и пунктови за прва помош, а водичите постојано се грижат за движењето и безбедноста на колоната.
За оние кои првпат ќе се искачуваат на Титов Врв, најважна е соодветната планинарска опрема и почитувањето на насоките од водичите.
„Титов Врв за мене лично претставува една од најзначајните тури, бидејќи токму со ова искачување пред 10 години започна мојата приказна со планинарењето и љубовта кон планината“, вели Коруноска.

Настан за подигање на свеста за заштита на природата
ПК „Љуботен“ постојано апелира до сите учесници да ја почитуваат планината, да не оставаат отпад и одговорно да се однесуваат кон животната средина.
Во рамките на настанот традиционално се организира и акција за чистење на Попова Шапка.
„Вистинската љубов кон планината не се покажува само со искачување, туку и со грижа, почит и одговорност кон природата“, додава Коруноска.

Планинарските домови – предизвик за развојот на планинарството
Состојбата со планинарските домови останува еден од најголемите предизвици за развојот на планинарството во Македонија.
Иако во последните години има одреден напредок, потребни се дополнителни вложувања во инфраструктурата, реконструкција на објектите и подобро одржување на планинарските патеки.
Подобрата инфраструктура ќе придонесе планините да бидат побезбедни и подостапни за сите љубители на природата.
ПК „Љуботен“ продолжува со развој на планинарството
Целта на ПК „Љуботен“ останува развојот на планинарството, организација на квалитетни планинарски тури, едукации, младински кампови и обуки за безбедно движење во планина.
Како најстар активен планинарски клуб во Македонија, „Љуботен“ продолжува да работи на промоција и заштита на Шар Планина и развој на планинарската култура.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов