Планинарскиот клуб „Љуботен“ годинава го организира 44. традиционално искачување на Титов Врв. Овој настан е еден од најпрепознатливите и најмасовни помеѓу планинарската заедница во Македонија. Настанот се одржува во година кога клубот одбележува јубилеј имено, 101 година од своето основање. Планинарскиот клуб „Љуботен“ со своите активности и настани, успева да ги поттикне младите на здрави животни навики и да им ја вгради љубовта кон природата.
Ова искачување претставува вистински празник за нашиот клуб и за целата планинарска заедница. Подготовките започнуваат уште неколку месеци однапред, со многу ентузијазам, посветеност и тимска работа, за секој детал да биде добро организиран. Настанот ги собира планинарите од Македонија, Балканот и пошироко. Денес, ова е еден од најголемите и најпрепознатливите планинарски настани во државата, зад кој стои огромен труд, љубов кон планината и почит кон традицијата, вели Христина Коруноска, член на извршниот одбор на ПК Љуботен.