Марш по трагите на тетовските партизани – 80 години од ослободувањето на Тетово

Во неделата, 3 ноември 2024 година, и покрај магливото утро, над 100 планинарки и планинари се упатија кон Попова Шапка за да оддадат почит на паднатите борци од Народноослободителната борба (НОБ), по повод 80 години од ослободувањето на градот Тетово. Маршот беше исполнет со почит кон историјата, љубов кон планината и желба да се зачува споменот за храброста на оние кои се бореле за слободата.

Чекорење низ историјата и природата

Маршрутата започна од Попова Шапка, во правец кон месноста Јелак, место кое кај многу присутни од постарата генерација разбуди убави спомени од времето кога таму функционираше некогашниот планинарски дом. По кратката пауза, учесниците продолжија по трагите на тетовските партизани, движејќи се низ живописни елеви шуми кои немо сведочат за историјата и храброста на минатите генерации.

Тишината на планината беше исполнета со звуците на природата – жуборот на Студена река и убавината на шарпланинскиот предел беа дел од патувањето кое ги водеше планинарите кон вливот на Студена река во реката Пена. По краткиот одмор кај местото на некогашната рибарска куќарка, колоната продолжи следејќи го течението на Пена кон шарпланинските села Селце и Лавце.

Оддавање почит кон хероите

По поминати 20 километри и 7 часа пешачење, учесниците пристигнаа под Тетовското Кале, каде беа пречекани од делегација на Соjузот на борци од Тетово. Маршот официјално заврши со положување свежо цвеќе пред споменикот на паднатите борци од НОБ, како знак на почит и благодарност за нивната жртва.

ПК „Љуботен“ упатува благодарност до сите учесници кои беа дел од овој значаен марш, како и до Армијата на Република Македонија која ги пречека планинарите со топол планински чај. Со вакви активности продолжуваме да ја негуваме историјата, традицијата и љубовта кон планината.


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Comment

Name

Email

Url