Богата придружна програма на 43. традиционално искачување на Титов Врв

Покрај главното планинарско искачување, настанот во саботата беше збогатен и со низа дополнителни активности кои придонесоа за уште подобра атмосфера и дружење на Попова Шапка.

Акција за почиста планина

Во рамки на програмата беше организирана мала еколошка акција за чистење на околината на Попова Шапка.

Иако временските услови не дозволија акцијата да се реализира во поголем обем, учесниците испратија важна порака за потребата од одговорен однос кон природата и зачувување на планинските предели.

Две изложби – историја и иднина

Посебен дел од настанот беа двете изложби, секоја со свое значење и порака.

Првата изложба беше посветена на богатата историја на Планинарскиот клуб „Љуботен“, со фотографии од архивата на клубот кои ги прикажуваат најзначајните моменти, настани и генерации кои ја граделе неговата вековна традиција.

Втората изложба ја претставуваше иднината на планинарството преку креативните цртежи на најмладите – идните планинарчиња од едукативниот центар „Матрикс“.

Децата преку својата фантазија ја прикажаа кулата на Титов Врв и боите со кои тие ја замислуваат, испраќајќи порака дека љубовта кон планината се гради уште од најрана возраст.

Планинарски базар со рачни изработки

Во текот на целиот ден, посетителите имаа можност да се дружат со креативни и амбициозни луѓе кои својата уметност ја претвораат во уникатни производи.

На базарот учествуваа:

  • @thecroshetdream
  • Шарам
  • Шарено ќоше
  • @k_a_z_a_n_i_c_a

Посетителите имаа можност да разгледаат и да набават рачно изработени производи и планинарски сувенири, создадени со многу труд, креативност и љубов.

Дружење што ја носи вистинската вредност

Најважниот дел од целиот настан беше прекрасната атмосфера, дружењето и заедничките моменти помеѓу сите учесници, пријатели и љубители на планината.

Со ваквите активности, Планинарскиот клуб „Љуботен“ продолжува да ја спојува традицијата, природата, културата и новите генерации во годината кога го одбележува својот 100-годишен јубилеј.


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Comment

Name

Email

Url