Речиси 350 планинари ја продолжија традицијата на искачување на Титов Врв

Традицијата не само што треба да се чува, туку и да се споделува. Планинарскиот клуб „Љуботен“ и оваа година ја продолжи долгогодишната традиција на искачување на Титов Врв, со учество на речиси 350 планинари од Македонија, Балканот и пошироко.

Како и секоја година, последниот викенд во мај, уште во 06:30 часот, планинарите се собраа на Попова Шапка подготвени за заедничко искачување кон највисокиот врв на Шар Планина – Титов Врв (2.747 м.н.в.), без оглед на временските услови.

Дружење и истрајност низ различни временски услови

Овогодинешното искачување беше проследено со влажно, облачно и посвежо време, но тоа не ја намали енергијата и ентузијазмот на учесниците.

Напротив, планинарскиот дух и заедништвото ја исполнија целата патека, а на самиот врв учесниците беа наградени со сончеви зраци и ведро сино небо.

Знаме на 100 години ПК „Љуботен“ на Титов Врв

На врвот, низ маглата гордо се разви знамето со ознаката „100 години ПК Љуботен“ – симбол на вековната традиција, истрајност, пријателство и љубов кон планината.

Заедничката фотографија пред кулата на Титов Врв повторно остана како траен белег во историјата на клубот и сведоштво за уште едно успешно реализирано искачување.

43 години традиција на Титов Врв

Планинарскиот клуб „Љуботен“ упатува искрена благодарност до сите планинарки и планинари кои беа дел од турата и ја споделија оваа традиција на искачувања до Титов Врв.

Со нивното учество, годинава по 43-ти пат, успешно и безбедно беше реализирано пристигнувањето до кулата на Титов Врв и создаден уште еден заеднички спомен во стогодишната историја на клубот.

Планина што обединува

Од Попова Шапка па сè до Титов Врв, викендот беше исполнет со позитивна енергија, дружење и заеднички дух на луѓе обединети околу една цел – љубовта кон планината и планинарството.

Овој настан уште еднаш покажа дека планината ги поврзува луѓето, создава пријателства и ги продолжува вредностите што се градат со генерации.

Поддршка и покровителство

Настанот беше дел од годишната програма по повод одбележувањето на 100-годишниот јубилеј на Планинарскиот клуб „Љуботен“, под покровителство на Претседателката на Република Македонија, г-ѓа Гордана Сиљановска Давкова.

Генерален спонзор на настанот е ТТК Банка, а санитетски покровител е LAOR Medical. Настанот е дел и од годишниот календар на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Comment

Name

Email

Url