Base Camp Љуботен – почеток на една нова традиција
Неслучајно беше избрана токму јубилејната година во која Планинарскиот клуб „Љуботен“ одбележува 100 години постоење за организација на првиот младински камп.
Оваа година ја посветивме на нашата богата историја и традициите кои се пренесуваат од генерација на генерација, но и на создавање нови вредности кои ќе го обликуваат идното време.
А што може да биде поважно од нашата иднина?
Така се роди првиот младински камп „Base Camp Љуботен“.
Љубов кон планината од најмала возраст
Целта на кампот беше јасна – да им ја доближиме планината на најмладите, да ја разбудиме љубовта кон природата и да ги научиме на вредности како одговорност, тимска работа и почит кон околината.
Преку ова искуство, децата имаа можност да ја запознаат убавината на Шар Планина и да создадат први спомени поврзани со планинарството.
Викенд исполнет со знаење, игра и дружење
Програмата на кампот беше исполнета со различни едукативни и забавни активности:
- движење и однесување во планина;
- правилно пакување на планинарски ранец;
- поставување шатор;
- тимска работа и преземање одговорност.
Покрај учењето, викендот беше исполнет со смеа, игри и создавање нови пријателства.
Во соработка со Скијачкиот клуб „Диме Флејта“, децата се запознаа и со активности поврзани со скијањето, како подготовка за претстојната зимска сезона.
Детски тимови и нови улоги
На дводневниот камп учествуваа дваесетина деца, а уште многу други се придружија на неделната тура „Боите на природата“.
Преку игри и едукативни задачи, секое дете доби своја улога во тимот:
- еко полицаец;
- млад водич;
- фотограф;
- раскажувач;
- метеоролог.
Со голем ентузијазам и одговорност, децата ги прифатија своите задачи и придонесоа за создавање заедничко искуство исполнето со учење и забава.
Ден без екрани – ден во природа
Вториот ден беше посветен на планинарење, детски џагор и уживање во прекрасните есенски бои на Шар Планина – со време исполнето во природа и без дигитални одвлекувања.
На крајот од кампот, сите учесници добија дипломи, а организаторите добија нешто уште повредно – безброј насмевки, позитивни впечатоци и незаборавни моменти.
Благодарност до поддржувачите
Планинарскиот клуб „Љуботен“ упатува искрена благодарност до:
- ТТК Банка
- ЛАОР Медика
за нивната поддршка во текот на целата јубилејна година, како и до сите родители, волонтери и пријатели кои беа дел од овој значаен настан.
Почеток на нова традиција
По завршувањето на кампот, пристигнаа бројни пораки, фотографии и видеа од децата кои веќе со нетрпение го очекуваат следното издание.
А одговорот е едноставен – Base Camp Љуботен ќе продолжи да живее.
Наследство што продолжува
„Што ќе посееш, тоа ќе жнееш“ – велат старите.
Токму така Планинарскиот клуб „Љуботен“ опстојува веќе еден век, пренесувајќи ја љубовта кон природата, планината и вистинските вредности од генерација на генерација.
Со Base Camp Љуботен е засадено ново семе – семе на љубов кон планината, пријателството, одговорноста и природата.





























